ТРОЈЦА НОВИ СТУДЕНТИ ОД ТЕХНИЧКИОТ ФАКУЛТЕТ БИТОЛА ЌЕ ДОБИЈАТ СТИПЕНДИИ ОД АД ЕЛЕМ

Денес, во подружницата РЕК Битола, тројца нови студенти од Техничкиот факултет Битола потпишаа договори за стипендирање со АД ЕЛЕМ. Студентите за првпат се стекнуваат со правото на стипендирање од страна на Државните електрани на Македонија, а беа избрани на конкурсот кој Техничкиот факултет во соработка со АД ЕЛЕМ го објави во јуни годинава. За да добијат финансиска поддршка од компанијата, студентите мораа да исполнат неколку критериуми меѓу кои за првпат за бидат запишани на прв циклус студии во прва година во академската 2017/2018 година и првиот семестар да го завршиле со просечна оценка не помала од 8.0 (осум).

Со новите тројца стипендисти, бројот на студенти од Техничкиот факултет Битола кои добиваат финансиска поддршка од АД ЕЛЕМ достигна петнаесет. За секого од нив, компанијата издвојува по 6.000 денари месечно, десет месеци во годината, со желба да им го олесни патот до стекнувањето знаења кои подоцна би ги примениле на работни места во РЕК Битола или некоја од подружниците на Државните електрани на Македонија.

АД ЕЛЕМ како општествено одговорна компанија секоја година предвидува 25 стипендии за новозапишани студенти во прва година на пет државни факултети во Македонија. Заедно со денешните три договора за стипендии, во моментов, бројот на вкупно стипендирани студенти од страна на АД ЕЛЕМ, односно новозапишани и студенти во втора, трета и четврта година што ги исполниле критериумите, изнесува 48.