Нови ветерници во Богданци, инвестицијата 21 милион евра

Нови ветерници во Богданци, инвестицијата 21 милион евра

Со инвестиција од 21 милиони евра ќе се заокружи проектот  Парк на ветерни електрани Богданци. Во втората фаза ќе бидат изградени уште шест ветерни турбини со инсталирана моќност од 13,8 мегавати, а ќе почнат со производство за најмногу 24 месеци. Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од германската КфВ банка во износ од 18 милиони евра, додека три милиони евра се сопствени средства на АД ЕЛЕМ. Договорите за заемот и за гаранцијата беа потпишани денеска од страна на министерот за финансии Драган Тевдовски, генералниот директор на АД ЕЛЕМ Драган Миновски, германскиот амбасадор во Република Македонија Томас Герберих и директорот на КфВ банката за ЈИЕ и Турција Кристоф Тискенс. Со потпишувањето на овој договор се реализира втората фаза од проектот Ветерен парк „Богданци“ со што се очекува  да се зголеми учеството на уделот на обновливите извори на енергија.

Според минстерот за финансии, средствата од КфВ банката се обезбедени по поповолни услови од очекуваното.

– Заемот ќе биде доделен на АД ЕЛЕМ со рок на отплата од 12 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка од 1,15 отсто, а сервисирањето на заемот ќе го врши АД ЕЛЕМ од приходите што ги остварува, a го гарантира државата, рече Тевдовски на потпишување на договорите.

Според Миновски,  потпишувањето на овој договор е од големо значење за компанијата.

-Би сакале да изразиме благодарност за соработката кон ,,KfW” Банка, како и кон Владата, Министерството за финансии и Собранието на Р.Македонија,како институции кои беа вклучени во законските процеси коишто беа неопходни за да го реализираме овој финансиски договор, кој нам ни значи многу на патот на реализација на нашите планови и инвестиции на полето на енергетиката и особено на полето на обновливите извори на електрична енергија. Со овој договор се отвора патот до целосно завршување на проектот Парк на ветерни електрани – Богданци, што за нас, но и за Р.Македонија, е важно од повеќе причини. Се зголемува инсталираната моќност на АД ЕЛЕМ за дополнителни  13,8 MW и годишно производство од дополнителни 37 GWh, доволни за снабдување со електрична енергија на околу 6000 домаќинства-рече Миновски.

Се заокружува проектот Парк на ветерни електрани Богданци на проектираната инсталирана моќност од 50 MW и вкупно годишно производство од околу 137 GWh.Со изградбата ќе се зголеми уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија од АД ЕЛЕМ за околу 3% и ќе се намали емисијата на CO2 од околу 35.000 t/годишно.

-Сакам да нагласам дека АД ЕЛЕМ останува посветена на определбата на зголемување на уделот на електрична енергија произведена од обновливи извори. Во тој правец е и другата инвестиција на која во моментов работиме, а тоа е фотонапонската електрана која ќе биде изградена на местото на исцрпениот рудник во РЕК Осломеј- рече Миновски.

Германскиот амбасадор оцени дека ова е совршен момент за потпишување и посочи дека и понатаму ќе продолжи поддршката од Германија. Тој додаде дека за да се остварат целите од реформата политичките, економските и социјалните основи мора да се воспостават, а меѓународните партерни ќе создадат можности и поттик за Македонија.

Директорот на КфВ банката за ЈИЕ и Турција  Кристоф Тискенс истакна дека овој договор е продолжение на долгогодишната соработка со Македонија.

– За 20 години од 1999 година во Македонија имаме инвестирано 20 милиони евра во проекти главно од областа на заштита на животната средина и климатските промени, меѓу кои се проекти за рехабилитација на шест хидроцентрали, изградба на првиот ветерн парк, рече Тискенс и додаде дека реализацијата на втората фаза од овој проект е важен чекор за граѓаните на Македонија бидејќи овозможува почиста животна средина и помала емисија на јаглерод диоксид и води кон диверзификација на изворите на енергија.

Во Ветерниот парк Богданци во првата фаза се инвестирани 55 милиони евра од кои 85 отсто се средства од кредит, а 15 проценти средства на компанијата.