Кадри од АД ЕЛЕМ ќе усовршуваат словенечки методи за јамска експлоатација на јагленот
Генералниот директор на АД „Електрани на Македонија“ Дејан Бошковски и претседателот на Управниот одбор на рудникот „Премоговник Велење“ Милан Медвед во Велење, Словенија потпишаа Меморандум за соработка во областа на образованието и обука на стручен кадар. Според документот, АД ЕЛЕМ ќе има можност практично да обучува кадри од областа на рударството и техничките науки со методите за јамска експлоатација на јагленот.
-Импресиониран сум од рудникот Велење и неговото функционирање. Со овој познат капацитет имаме одлични односи, и досега сме соработувале успешно во неколку проекти. Сметам дека нашите рударски инженери ќе имаат одлична можност, тука во Велење да ги научат најсовремените техники за подземна експлоатација на јагленот-изјави генералниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски, по потпишување на Меморандумот за соработка.
-Во рудникот имаме знаење, искуство, најсовремена опрема и сопствен know-how. Со тоа ни се отвораат нови можности за соработка со Македонија, како во областа на проектирање, така и во областа на образование и изработка на јамски копови. Со претставниците од АД ЕЛЕМ се договоривме дека наскоро во Велење ќе организираме обуки за инженери во нашиот капацитет – изјави Милан Медвед, претседател на Управниот одбор на рудникот „Премоговник Велење“.
Според управата на словенечкиот рудник за јаглен, македонскиот пазар е интересен затоа што забрзано се инвестира во нова технологија за експлоатација на јагленот, кој според Медвед, ќе биде еден од клучните енергенси во идните децении. АД ЕЛЕМ и словенечкиот рудник „Премоговник Велење“ веќе воспоставија соработка за време на изведбата на геолошки и геотехнички доистражувања на јагленовото наоѓалиште Мариово во 2009 година. Изработен е и техноекономски Елаборат врз основа на изработени и ревидирани елаборати од извршените истражувања и испитувања на јагленовото наоѓалиште Мариово. Изготвен е и главен рударски проект за отворање, разработка и експлоатација на јагленот од наоѓалиштето Мариово со јамска експлоатација.
Исто така, во текот на 2012 година, беше вклучен стручен проектантски тим во време на изведба на геолошки и геотехнички доистражувања на јагленовото наоѓалиште Живојно. По изработката и ревидирањето на елаборатите од извршените истражувања и испитувања на јагленовото наоѓалиште Живојно, подготвен е техноекономски Елаборат за јагленот од Живојно.
Рудникот „Премоговник Велење“ е отворен пред 137 години, од него се ископани над 220 милиони тони јаглен-лигнит. Методот на експлоатација на јагленот во рудникот „Велење“ е патентиран и познат како „Велењски метод на откоп“ и тој се применува речиси на сите континенти.
Специфичноста во методот е контролирано и ефикасно подземно ископување преку главниот верижен транспортер што овозможува големо производство на овој енергент.
Делегацијата на АД ЕЛЕМ предводена од генералниот директор Дејан Бошковски која при работната посета во Словенија ја придружуваше и деканот на Факултетот за природни и технички науки Зоран Панов при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, ги посети јамите на рудникот Велење и непосредно се запозна со начинот на експлоатација на јагленот од овој капацитет.
Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch